Има сомнежи дека градоначалникот на Шуто Оризари, како и за претседателот на Советот на општината, користеле службено возило за лични и приватни потреби, односно за потребите за предизборната кампања за Локалните избори 2021 година, беше констатирано на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Горан Трпеноски, член на ДКСК, кој го образложи овој предмет меѓу другото наведе дека од патните налози се гледа дека не се уредно потполнети, не се правилно архивирани и не може да се утврди целта на дневните патувања. Имало и ситуации кога во сите патни налози е наведена само една релација од Општина Шуто Оризари до Град Скопје, без да се наведе за какви службени дејствија е користено возилото.
Трпеноски предложи предметот да се затвори затоа што, како што рече, не гледа што друго ДКСК може да направи освен да даде јавна осуда.
Билјана Ивановска, претседалка на ДКСК се надоврза и рече дека ова е и причина плус Антикорупција да бара Изборниот законик да се „среди“. Таа информира дека има и други моменти во законот каде нема санкции и оцени дека е краен моментот за носење нов Изборен законик.
Владимир Георгиев, член на ДКСК, во образложението на предмет во кој во сообраќајна несреќа има една жртва пешак, истакна дека немањето функционален, ефективен и ефикасен систем за оценка на стручноста на изработените вештачења и експертизи може да фрли сенка врз кредибилитетот на донесената судска одлука, а понатаму и поткопување на целосната доверба во правосудниот систем. Тој наведе дека ДКСК нема законска надлежност да испитува донесени првостепени судски одлуки, а во конкретниот случај е во жалбена постапка пред Апелација во Скопје.
Што се однесува до правната празнина поради непостоењето на воспоставен и функционален правен механизам што треба да осигура стручност на изготвените судски вештачења и супер вештачења, тој предложи ДКСК до Министерството за правда да иницира постапка за измени и дополнувања на Законот за вештачење за да постои воспоставен механизам во кој ќе може да се оценува работењето на вештаците.
– Парадоксално е за ист случај, со иста фактичка ситуација да имаме, особено при првичното вештачење, дијаметрално спротивставени вештачења. Испаѓа дека вештакот изготвува вештачење во корист на страната што ангажира, што е навистина нелогично, рече Георгиев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.