Казната од 90.000 евра кој градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска му ја пишала на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, поради оставање отпад пред портите на депонијата „Дрисла“, уште не е стигната кај него, но како што тој соопшти на денешната прес-конференција – не ни нема правна основа бидејќи ѓубрето било истурено пред објект кој се наоѓа на територија на Oпштината Студеничани, а не во Град Скопје.
Ниту си ги знае своите надлежности ниту, пак, своите ингеренции и што е најстрашно, според мене, ниту, пак, знае која е територијата што ја администратира, рече денеска Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски кажа и дека според негови информации, инспекторите кои ја напишале казната биде уценувани директно од градоначалничката, информација што вчера ја сподели и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Ѓорѓиевски, исто така потенцираше дека за нивните камиони да го истурат сметот во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор бидејќи според одлука која е донесена уште од 2005 година сите општини се наведени дека може да одлагаат отпад со мерење на отпадот и врз основа на тоа да им се наплати, а одлуката да ги преземат работите во свои раце и да започнат со чистење на општините, ја правда со тоа што доколку градоначалниците не постапеле, градот ќе продолжел да тони во смет и здравјето на граѓаните би се довело во прашање.
Тој потенцираше дека Арсовска не смее да постапува на места каде што нема ингеренции и најави реакција од неговиот правен тим, не исклучувајќи ја можноста да поднесе кривична пријава за неа поради загрозување на здравјето на граѓаните
Таа може да стане утре и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи па да почне да казнува народ по улици и да апси народ. Таа нема капацитет, не знае да се справи со проблемите ниту ја знае територијата со која администрира, кажа Ѓорѓиевски.
Покрај Кисела Вода, казна била пишана и за Општината Сопиште, а доколку се соберат двете казни кои треба да ги платат општините – сумата изнесува околу 140 000 евра, но тие се уште не се пристигнати на адреса на општините.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.