Во Општина Аеродром веќе тече постапката за ревидирање на првата и изработка на втора ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, информираат од општината.

Се додава дека Комисијата за урбанизам во општината ги разгледа и прифати најголем дел од забелешките кои граѓаните ги доставија во рамки на јавната анкета.

По завршување на оваа фаза, планерската фирма веќе изработува, а Општина Аеродром наскоро ќе ја објави новата ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план, кој како и досега во рамките на отворена и транспарентна постапка ќе биде изложен на јавна анкета и истиот ќе биде презентиран пред граѓаните и медиумите.

Интересот на граѓаните е приоритет во носењето на сите одлуки во Општина Аеродром, вклучително и оние од областа на урбанизмот. Одлуките кои ги носи Општина Аеродром имаат единствена цел, решавање на клучните проблеми и подигнување на квалитетот на живеење во општината. Финалната верзија на Деталниот урбанистички план за овој дел од општината ќе биде направен, во согласност со потребите и барањата на граѓаните, стои во соопштението на општина Аеродром.

Иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ најави протест против бетонизација на населбата. Протестот ќе се одржи на булеварот Србија на 14 јуни, среда, со почеток во 17.30 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.