Од Јавното претпријатие „Дрисла“ ги повикаа градоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром, Орце Ѓеоргиевски и Тимчо Муцунски, да кажат каде го фрлале сметот досега бидејќи договорите со депонијата им истекле уште од март.

Од Јавното претпријатие им порачаа на Ѓеоргиевски и Муцунски да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено, како што велат, поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.

„Имено, ниту Општина Аеродром ниту Општина Кисела Вода нема потпишан договор со депонијата ЈП „Дрисла“ – Скопје бидејќи тој им е истечен во март. Се поставува прашањето каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП „Дрисла“ – Скопје, единственото предвидено место за одложување отпад?

Дали и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии што ги исчисти Град Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?“, прашуваат од „Дрисла“.

Оваа реакција следува по денешните изјави на скопските градоначалници, кои ја повикаа „Дрисла“ да ги отвори рампите за да може со нивната механизација да го достават сметот што се насобра деновиве на улиците на Скопје поради бунтот на вработените во „Комунална“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.