На Скопје му се заканува нов колапс откако денеска истече рокот што вработените во „Водовод и канализација“ и ССМ ѝ го дадоа на Данела Арсовска за разрешување на директорот на скопското јавно претпријатие Марјан Митовски.

Ваквото барање од вработените дојде откако тие се пожалија дека Митовски вршел мобинг и притисоци врз вработените и воедно упатија ултиматум дека ако нема разрешување, тие ќе стапат во штрајк, додека првиот синдикалец Димовски отиде чекор понатаму заканувајќи се дека Скопје може да остане без вода, како што пред некое време остана без градски превоз.

До овој момент директорот Митовски не е разрешен а заканите за штрајк ги толкува како притисок врз него од страна на Дарко Димовски поради како што вели изгубените привилегии на сопругата на Димовски која е вработена во „Водовод“.

Новиот директор на ЈП „Водовод и канализација“ дојде на местото на Златко Перински, близок соработник на Мицкоски кого Арсовска го разреши поради спорниот тендер од 136 милиони евра за пречистителна станица во Скопје.

Уште од првиот ден од директорувањето Митовски го следат скандали и обвинувања за насилство и притисоци.

Заканите за штрајк на вработените се сè позасилени, па главниот град наскоро може да се соочи со нова криза како последица на кавгите помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.