Градоначалничката Арсовска во текот на изминатата недела ја посети Универзалната сала, којa се уште е во фаза на реконструкција, но поради спорниот проект кој не гарантира безбедност, истата се одвива со намален интензитет.

Во однос на реконструкцијата на Универзална сала се произнесе министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која беше поканета на средба од страна на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, но на поканата кабинетот на министерката одговори со покана за средба пред Универзалната сала.

Градоначалничката Арсовска иако смета дека крајно е несериозна реакција од страна на министерката и далеку под нивото кое што треба да го има претставник на Владата, да бега и на покана да одговара со покана, сепак аргументите се на страна на градот и пред Универзалната сала со факти образложи зошто проектот за Универзалната сала кој е отпочнат од страна на поранешното градско раководство на чело со Шилегов е небезбеден и претставува опасност за граѓаните во оваа форма поради утврдените недостатоци.

„Универзалната сала е објект кој е обележје на градот за скопјани, но не смее да се дозволи нејзината реконструкција да продолжи по проект кој не ги задоволува стандардите за безбедност. Град Скопје нема да дозволи активности кои се по штета на граѓаните и директно ги засегаат, а ако некој од поранешната локална власт има храброст да оди до крај со овој проект и гарантира безбедност, иако проектот е небезбеден, нека дојде и јавно нека го стави својот потпис на документ”, истакна Арсовска на денешната средба пред Универзалната сала.

Градоначалничката Арсовска додаде дека во текот на вчерашниот ден се одржа и петтата седница на Советот на Град Скопје, каде што беше отворена темата за реконструкција на Универзалната сала, при советничката од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева јасно и недвосмислено потврди со свои зборови дека знаеле дека проектот е со недостатоци и дека поранешното раководство тоа го констатирало по што очигледно свесно дозволило реализација на проектот, иако знаеле дека безбедноста не е гарантирана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.