Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 истакна дека секој чекор кон подобрување на јавниот градскиот превоз е нешто што е значајно за граѓаните.
На барање на граѓаните, вратени се ноќните линии и направена е одредена измена на возниот ред. Верувам дека со тоа им овозможивме на оние граѓани на кои им беше тоа значајно, за полесно да можат да го менуваат секојдневието. Отпочнато е со ревидирање на работењето на ЈСП во изминатите години, бидејќи тоа претпријатие со години наназад е загубар и претежно е финансиски зависно од дотациите кои ги добива од градот Скопје. Нареден чекор што треба да се направи е да се консолидираат финансиите и според кажувањето на директорот на ЈСП, претпријатието од корисниците на услугите генерира приходи од само околу 200.000 денари дневно, што е апсолутно минимална сума на средства – изјави Арсовска.
Градоначалничката на Скопје најави дека градот ќе продолжи со праксата на дотации во буџетот на ЈСП.
Ќе пристапиме кон реализација на она што сме го замислиле и кон етапно овозможување на бесплатен јавен превоз за скопјани. Најпрвин е неопходно да се оптимизираат возните редови, да се обезбедат квалитетни автобуси за граѓаните, потребни се еколошки автобуси со минимум емисии во воздухот. Со оптимизација на овие процеси и со исполнувањето на сето она што ни е ставено во програмата ќе ја постигнеме трајната цел – истакна Арсовска.
Во поглед на нападите од политичките опоненти во однос на воведувањето на бесплатен јавен превоз, Данела Арсовска е оптимист за реализација на зацртаните цели.
Во овој момент верувам дека нема личност која е понапаѓана од мене во Македонија и има денови кога се чувствувам дека сум единствен градоначалник во земјава. И покрај сите напади и манипулации во јавноста што ги пласираат моите политички противници, она што ќе се случува во градот Скопје во следниот период ќе се покаже како нешто што е крајно функционално, кое што е квалитетно и кое е многу подобро од она што му се случувало на Скопје во изминатите години. Оној кој губи има право да се лути, меѓутоа овие напади на моменти стануваа и дегутантни – смета Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.