Говорот на советникот од ВМРО-ДПМНЕ Луке Гелески не ѝ се допадна на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која со доцнење пристигна на седницата на Советот на Град Скопје и ја следеше од „магарешка клупа“.
Арсовска не штедеше зборови против ВМРО-ДПМНЕ, пред сè, партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие, му се обрати Арсовска на Гелески.
И таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега не е.
Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер, рече таа.
Арсовска го прозва и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христјан Мицкоски барајќи од него да не се крие.
На шпицниот градоначалник да му кажам нешто: Мицкоски да не се крие, да се бореше со власта, да се бореше против спорните договори како што се бори овие 3-4 дена со мене ќе ја спасеше Македонија. Сите знаат дека е така, рече градоначалничката.
Своето обраќање таа го заврши и со барање за оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Гледам што зборува шпицниот за оставките, ако сака да зборува за оставки, Мицкоски треба да си почне од себе, рече градоначалничката.
Додека таа зборуваше неколку пати и се исклучуваше микрофонот на говорницата, а претседателот на Советот, Трајко Славески, при крајот ја прекина велејќи дека ќе даде пауза за да се договорат за форматот на давањето одговори на советничките прашања.
Форматот на одговорите е немој да се закануваш Мицкоски, немој да се криеш, рече Арсовска.
По ова, Славески даде пауза, а Арсовска си замина од седницата.
Жалам што си замина и што јавноста имаше прилика да види една голема омраза, неконтролирано однесување кое скопјани не го заслужуваат. Не можам да бидам задоволен од одговорите бидејќи не добив одговор на ниту едно прашање, рече Галески по паузата.
Потоа следуваше уште една пауза за да се види дали градоначалничката ќе се врати. Во моментов, советничките прашања се во тек, но седницата тече со отсуство на Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.