Пет месеци се доцни за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата, смета градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, којашто денеска ја коментираше вчерашната изјава на мандатарот за Влада, Димитар Ковачевски, дека обврска на Градот е решавање на енергетската криза во Скопје.
Би сакала да ја прокоментирам и изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно. Би ја поздравила оваа изјава на мандатарот и сакам да го посетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање на одговорноста на институции што немаат ниту средства, ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката. Оваа Влада има, исто така, обврска кон општините и граѓаните, особено бидејќи тие се оставени без средства и задолжени се до максимум, смета Арсовска.
Според неа какви било конструкции и приказни за тоа дека некој ги спасува граѓаните во услови кои има енергетска криза е крајно несериозно, бидејќи тоа секако беше одговорност на Владата уште од почетокот на оваа криза минатата година.
Префрлањето на вина или обидите на оној кој не презема мерки во кризава, да се прикаже како спасител е дегутантно и непотребно бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати. А општините и нивните институции плаќаат петпати поголеми сметки за електрична енергија затоа што се дозволи еднострано раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија, без никакви последици. Владата од нас бара одговорност, а притоа ги има сите средства собрани од граѓаните и не е спроведена целосна фискална децентрализација, затоа што тоа ќе значи помалку пари во буџетот на Владата, а повеќе во општините и Градот Скопје, што ќе значи поголема одговорност и поголема финансиска независност на општините, изјави Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.