Собраниската седница за пратенички прашања ќе продолжи по редовната пауза.

За време на седницата, која почна подоцна од вообичаениот термин од 11 часот, пратениците се изјаснуваа во однос на писмено добиените одговори од страна на извршната власт на нивни прашања, а се уште не е почнато со поставување усни прашања од пратениците.

Координаторото на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски процедурално реагираше на тоа што пратеничката Илире Даути Исени од Алијанса за Албанците доби одговори за над десетина поставени прашања, главно за добивањето државјанства за конкретни случаи. Тој предложи овој вид прашања со слична тематика да се групираат, за како што вели, да не се губи време за поставување на прашања од пратениците на собраниската говорница, изразувајќи сомнеж дека ова е начин да се спречат усните прашања.

Реплицираше Халил Снопче од АА наведувајќи дека нема подобро место од Собранието да се решат овие прашања.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски меѓу другото посочи дека одговорите на поставените прашања од пратениците се добиени на почетокот на февруари и дека нема основа за обвинувањето дека намерно се пролонгира со цел да се избегнат усни прашања.

Димитар Апасиев од Левица произнесувајќи се по добиен писмен одговор, исто така, обвини дека, како што кажа, очигледната е тенденцијата на одлоговлекување на поставување прашања.

Пред почетокот на седницата за пратенички прашања, Собранието работеше по 104-та седница за реконструкција на Владата, на која беа разрешени тројцата министри од Алтернатива.

Пред гласањето за разрешување на министрите Мицевски обвини дека поместувањето на почетокот на седницата за пратенички прашања е со цел да се опструира опозицијата да поставува прашања и оти целта е, како што вели, „да се наелектризира Собранието и да има тензии доведувајќи ја седницата на раб на инцидент“.

Џафери му одговори дека одлуката за пролонгирање на почетокот на седницата за пратенички прашања е донесена согласно Деловникот на Собранието.

На листата за поставување прашања пријавени се 14 пратеници.

За вечер во 20 часот е закажано продолжението на 104-та седница на која треба да почне расправата за избор на новите министри во Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.