Пентагон соопшти дека Русија и натаму трупа војска на границата со Украина, откако неделава таму се насобраа 62 батаљони, а во меѓувреме американскиот претседател Џо Бајден синоќа го предупреди неговиот украински колега Владимир Зеленски дека има „реална можност“ од инвазија идниот месец.

Гледаме постојана акумулација на руски трупи околу границата со Украина, во Белорусија и раздвижување на руската морнарица во Средоземното и Црното Море, како и во Атлантикот. Сите овие активности не загрижуваат за руските намери за напад – изјави синоќа на брифинг за новинарите Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

Тој изјави дека САД се уште очекуваат руски одговор на американските документи испратени до Кремљ, а во врска со безбедносните гаранции до Москва во Европа, и дека сите се надеваат кризата да се разреши по дипломатски пат.

Според официјални лица од Пентагон, во западните делови на Русија и околу границата со Украина моментално се наоѓаат 62 батаљонски тактички групи, за три повеќе од минатата недела. Бројот не ја вклучува натрупаната војска во Белорусија.

На брифингот, Кирби ги откри американските бази каде се стационирани 8.500-те војници кои се во состојба на зголемена готовност да заминат за Источна Европа, како дел од силите на НАТО за одговор.

Тој исто така укажа дека САД подготвуваат зголемена „деструкатвна и недеструктивна“ воена помош за Украина, но не даде точен опис на таа помош.

Во телефонскиот разговор синоќа Бајден го предупреди Зеленски за „реалната можност“ од инвазија на Русија врз Украина идниот месец, соопштија од Белата куќа.

Претседателот Бајден изјави дека постои реална можност за напад на руските сили во Украина во февруари, изјави Емили Хорн, членка на Советот за национална безбедност во Белата куќа. Додаде дека Бајден го зборува тоа јавно и „ние предупредуваме за тоа веќе неколку месеци“.

Разузнавачите на САД постојано утврдуваат дека не знаат дали рускиот претседател Владимир Путин се откажал од идејата за окупација на Украина, но оценуваат за зголемена веројатност од тоа ако кризата не се разреши дипломатски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.