Вчерашниот напад со нож врз мали деца во францускиот град Анеси ја згрози француската јавност но и светската јавност. Напаѓачот е 31-годишен Сириец, кој со нож избодел четири деца и двајца возрасни на детско игралиште во мирен алпски град. Најмалку едно дете било во количка.
Избодените деца се на возраст од 22 месеци до три години, соопшти полицијата. На социјалните мрежи се појави страшна снимка од нападот, на која се гледа како напаѓач со нож во рака бара и прободува деца на детско игралиште, а се гледа и како прободува дете во количка. Видеото е крајно вознемирувачко и нема да го објавиме.
Го повикаше името на Исус за време на нападот
Напаѓачот е сириски христијанин кој дошол во Европа пред 10 години. Тој доби статус на бегалец во Шведска, од каде што пристигна во Франција пред четири месеци, откако се разведе од сопругата, која вели дека оттогаш не знае ништо за него. Тој остави и тригодишна ќерка во Шведска.
Во минатогодишното барање за статус на бегалец во Франција тој изјавил дека е сириски христијанин. При вчерашниот напад на децата во паркот, Сириецот го извикувал името на Исус Христос. Откако бил уапсен, кај него биле пронајдени крст и христијански молитвеник.
Француските власти вчера соопштија дека мотивот за нападот не бил терористички и дека напаѓачот немал криминално досие, ниту пак се лекувал од психички проблеми.
Неговото барање за статус на бегалец беше одбиено пред неколку дена: „Загрижувачка случајност“
Сепак, денеска министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин објави значајна информација, која може да биде важна за откривање на мотивот на избезумениот напаѓач. Имено, Сириецот аплицирал за статус на бегалец во Франција, а неговото барање било одбиено пред само неколку дена.
„Таа случајност е загрижувачка. Тој го направи она што го направи само неколку дена откако неговото барање беше одбиено“, рече Дарманин.
Би-би-си јавува дека напаѓачот во последните денови е виден во близина на игралиштето. Зјапал во блиското езеро мрморејќи во себе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.