Министерството за надворешни работи на Република Бугарија соопшти дека е разочарано од одлуката на властите во Република Македонија да не им дозволи влез во земјата на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски и на уште тројца бугарски државјани.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека не е дозволен влез на петмина бугарски државјани, поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци.

Денеска (06.05) околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија. Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата, нагласуваат од МВР.

Настанот на кој требало да присуствуваат е по повод празникот Ѓурѓовден, што традиционално со години се организирал во Ново Село, Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“ преку свеченост во Бугарската воени гробишта со панихида.

Причините за одбивањето, поточно издадената забрана за влез во Македонија, предизвикуваат конфузија. Во врска со денешниот невиден инцидент, Министерството за надворешни работи нагласува дека наведените тврдења за евроинтеграции на Македонија бараат барем прекин на провокациите кон Бугарија, Бугарите и кон претставниците на европските институции. Бугарската страна ќе го покрене ова прашање официјално пред властите во Македонија и со нашите меѓународни партнери, бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи, стои во реакцијата на бугарското МНР.

Претходно за БТА европратеникот и известувач во Европскиот парламент за Република Македонија, Илхан Ќучук изјави дека е недозволиво и неприфатливо да не се дозволи влез на европратеникот Андреј Ковачев во Република Македонија.

Станува збор за бугарски државјанин, пратеник во Европскиот парламент, кој отишол таму со добри намери – да го почитува заедничкиот спомен. Треба да се изрази несогласување со овој став, кој треба да биде доволно силен од страна на бугарската амбасада и од страна на европратениците, вели Ќучук. В понеделник ќе се сретнеме и ќе видиме што може да се направи, вели тој.

Ковачев изјави дека го информирал министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски се во Њујорк и не знаел точно каква е ситуацијата.

Засега нема официјален став од Министерството за надворешни работи на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.