Министерството за финансии утре и задутре е домаќин на владина делегација од Република Бугарија предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими ќе копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.
Како што информираат од Министерството за финансии, на состанокот во Скопје, Работната група ќе ги разгледа можностите за привлекувањето инвестиции, иновациските можности, финансирањето на проекти, зголемување на трговската размена меѓу двете земји, како и приоритетите за развој на регионот, области во кои може да се развиваат заеднички проекти и слично.
Пред присутните ќе бидат претставени Планот за забрзан економски раст со осврт на финансиските инструменти, стратешките програми за иновации, индустриска политика и конкурентност, презентации на работата на фондовите за иновации и технолошки развој на двете земји, работата на Националниот старт-ап совет, како и програмите за работа и можностите што ги нудат развојните банки на двете земји, Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија од Република Бугарија и Агенцијата за промоција на претприемништвото на Македонија, како и програмите за рурален развој на Македонија и Бугарија – соопшти Министерството за финансии.
На состанокот во Скопје од македонска страна меѓу другите ќе учествуваат вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и директорите на Развојната банка на Македонија Кире Наумов, на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини. Додека во делегацијата од Република Бугарија, која ќе учествува на состанокот се министерот за иновации и раст Даниел Лорер, заменик-министерот за финансии Андреј Цеков, заменик-министерот за земјоделство Атанас Добрев, директорот на Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија Бојко Таков, директорот на Бугарската банка за развој Валентин Михов и други претставници на институции.
Меѓувладината работна група беше формирана минатата недела во Софија за време на одржувањето на меѓувладината седница на која ги утврди приоритетите на работа и динамиката на одржување на состаноците, согласно која ќе се состанува еднаш месечно. Нејзините активности ќе бидат насочени кон зајакнување и интензивирање на економската соработка во сферите на трговијата, инвестициите, иновациите, финансиите и заеднички настап во ЕУ програмите и фондовите, како и соработката со економските комори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.