Величење на големоалбанскиот национален шовинизам е недозволив чин и класична злупотреба на децата. Скандалозната прослава по повод Денот на албанското знаме во основното училиште „Гоце Делчев” во струшко Подгорци на која се пееле песни за Голема Албанија, се вееле знамиња со изцртани карти од Голема Албанија со делови од територијата на Македонија во неа, е спротивно на Законот за основно образование и оној за заштита на децата и за ова треба да се понесе одоговорност, вели поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски за „Алфа“.

Ова е подгревање на национализмот што не му е потребно на Република Македонија, затоа ги повикувам сите државни органи, ОЈО, Државниот просветен инспекторат, Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет, Меѓаши и сите да го кренат гласот и да се побара одговорност. Во ваква ситуација им се одземаат ингеренциите на градоначалникот, а господинот министер Јетон Шаќири треба да си поднесе неотповиклива оставка, а тоа го повикувам да го направи, да го отповика премиерот Ковачески, вели Илиевски.

Скандалозната прослава во основното училиште во Подгорци, не е изолиран случај. На социјалните мрежи осамнаа фотографии и од прославата во подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци” во Калишта, организирана од директорката Албана Жута со веќе познатата иконографија ˗ картата на Голема Албанија.

Загрижува молкот на надлежните органи и упатува на заклучок дека се работи за однапред планирано сценарио од страна на власта. Релативизирањето и неказнивоста на ваков антидржавен чин може да стане пракса, која нема да ѝ донесе ништо добро на Македонија, а ги подрива и онака кревките меѓунационални односи, реагираат од струшкиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ.

Од телевизијата побараа одговор и од МВР дали согласно член 272 ќе поведе кривична постапка против организаторот на прославата и сите учесници за сторено кривично дело „предизвикување на омраза, раздор и нетрпеливост, по национална, верска и друга дискриминаторска основа, казниво по член 319 од К.З.?“.

ОВР-Струга има преземено соодветни мерки поврзани со настан случен во село Подгорци, притоа идентификувано е едно лице за кое постои сомнение дека истакнало знаме на друга држава. За настанот ќе биде известен јавен обвинител од Струга и по негови насоки ќе бидат преземени соодветни мерки, велат од МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.