Управниот одбор на Здружение на судиите смета дека е неприфатлив начинот на работа и одлучување на Собранието во врска со Законот за плати на судии и Законот за плати на членовите на судски совет во скратена постапка без соодветна јавна дебата и вклучување на засегнатите страни, за уште еден од низата закони кои се однесуваат на судската власт како независна и самостојна власт.

Управниот одбор на Здружението на судии изразува загриженост за ваквиот пристап и во ова време, и ги повикува предлагачите да го повлечат Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на судиите и Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, со што ќе се овозможи поширока дебата и соодветни консултации на националната и меѓународната регулатива, во која се востановени гаранции за постојаноста на платите на судиите, како легитимни и загарантирани очекувања.

Овој интервенционизам под плаштот на најдобриот општ интерес, преку таканареченото статус – кво на платите на судиите, замислен преку намалување на коефициентите како еден од основните сегменти за определување на личните примања на судиите, претставува директен атак врз судската независност и самостојност, од причина што намалувањето на коефициентот за определување на платите на судиите претставува намалување на примањата како легитимини очекувања на судиите, спротивно на веќе воспоставените правни гаранции за платата на судиите и членовите на Судскиот совет на РМ, реагираат од Здружението на судии.

Здружението на судии го повикува предлагачот да ги повлече измените, со што ќе се евитираат непотребните трошоци по буџетот на државата, при евентуална реакција на судиите во соодветни судски постапки. Исто така, Здружението на судии ќе ги употреби сите можни правни и останати средста за суспензија на законските измени, кои ги доведуваат во прашање загарантирани лични примања на судиите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.