За Делегацијата на Европската Унија во земјава, означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата. Оттаму во изјава за МИА велат дека ќе побараат дополнителни појаснувања од власта откако вицепремиерот Артан Груби на прес-конференција кажа дека се донесени пет нови закони за коридорите кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаменце.
Означувањето на закони со знаменце на ЕУ е насочено да помогне за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ и затоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, се чини дека нацрт-законот не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања, велат од Делегацијата на ЕК на прашање на МИА да дадат став за најавата дека законите за Коридорите 8 и 10д ќе бидат доставени во Собранието со европско знаме.
Од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје потсетуваат дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ.
Како што рековме во последователните извештаи на Комисијата за Македонија, употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ. Не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом, велат од Делегацијата на ЕК за МИА.
Претходно, Артан Груби, на прес-конференција соопшти дека Владата на седница донела нови пет предог-закони за коридорите 8 и 10д кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаме.
Тој посочи дека целта на новите законски решенија е побрза и поевтина изградба на коридорите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.