Министерот за правда, Кренар Лога, се сретна со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и со претседателот на Работната група за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, академик Владо Камбовски.

На средбата која се одржала во Врховниот суд се разговарало за состојбите во правосудството и надминување на проблемите со кои се соочуваат одредени институции односно Судскиот совет. Како што соопштија од Министерството за правда, било заклучено дека настаните во Судскиот совет се во спротивност со заложбите за независноста и угледот на судството, градењето на јавната доверба, како и со препораките во Извештаите на Европската Унија и Стејт депратмент.

Едно од решенијата за подобрување на состојбите во Судскиот совет е итно донесување на измени на Законот за Судскиот совет во согласност со Стратегијата за реформи на правосудниот сектор. Законските измени треба да се во насока на унапредување на независноста, стручноста и функционалноста на Судскиот совет како орган за судството кој треба ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Со измените треба да се надминат сите слабости на законското решение кои создадоа проблеми во практичната примена и оставија простор за различни интерпретации. Во рамките на работната група за подготовка на новата Стратегија и претходно беше нагласена потребата од итни законски измени и воедно беше укажано на проблемите кои се генерираат во применувањето на законот, било заклучено на средбата.

Врховниот суд преку Седницата на судии и Општата седница до Работната група за новата Стратегија, се наведува во соопштението, веќе има доставено предлози за итни законски измени, но има поднесено и Иницијатива до Уставниот суд со кои ја оспорува уставноста на одредби од Законот за Судскиот совет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.