Сметав дека е доста битно сега и таму да се каже она што го кажав, зошто пред сè тоа е организација која работи на човекови, јазични и малцински права, а потоа и поради сите кои беа присутни таму, рече за своето обраќање пред Советот на Европа во Стразбур потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Изминатите два дена, слушам од нашите украински колеги за страдањата со кои се соочуваат. Слушајќи ги овие шокантни сведочења, можам само да направам паралела со судбината и негирањето на македонскиот народ, и вековните спорови со нашите соседи кои биле и се поголеми и помоќни. Со векови нашите соседи ги оспоруваа Македонците како посебна нација, култура и посебен македонски јазик. Ние бевме жртви и протерувани за време на балканските војни и за време на грчката граѓанска војна, и конечно оспорувани во 21виот век. Негирањето на украинскиот јазик и тезата дека Украинската нација се творба на Ленин и комунистите е слична со тезата за негирање на македонската нација и јазик и тезата дека Македонците се творба на Тито и комунистичката коминтерна. Оспорувањето и омаловажувањето на двете нации и јазици има многу сличности и симболика, дури се употребуваат и истите зборови. Ова не беше случајно, што дури и големиот филозоф Францис Фукујама, авторот на легендарната „Крајот на историјата и последниот човек“ вели дека има многу сличности во наративите користени против Македонија и Украина и негирањето на Македонците и Украинците, истакна пред делегациите Николоски.
Во вечерашната „Заспиј ако можеш“ Николоски потенцираше дека во салата биле присутни и грчка делегација, со членови како Јоргос Папандреу и Дора Бакојани, но и бугарската, во која беше и добро познатата за македонската јавност поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева.
Токму во моментот кога Николоски го спомна негирањето на македонската нација и тврдењето дека сме творештво на Тито, таа запрепастено ја крева главата и се врти кон Николоски. Тој открива и дека после говорот добил силен аплауз од сите во салата, што е реткост на вакви седници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.