Од извршени 164 надзори најчесто во дејности каде што изложеноста на топлинската енергија е најголема, кај 30 работодавачи е издадено решение за забрана за вршење на дејноста, информира денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Таа при денешната посета на детската градинка „Кочо Рацин“ во рамки на кампањата „Здрав оброк за секое дете“, одговорајќи на новинарско прашање рече дека поради новите владини мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури во изминантите неколку дена Државниот инспекторат за труд бил постојано на терен, при што од вкупниот број на надзори, кај 30 работодавачи биле изречени забрани за вршење на работа.
Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата донесе одлука бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работа, во установите за згрижување на децата да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници, стои во соопштението од Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.