Очекувам изборна кампања во која ќе зборуваме за она што се случуваше, но и за иднината. Дали кампањата ќе биде фер, не зависи само од нас, изјави потпретседателот на  ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при денешниот престој во Прилеп кога присуствуваше на отчетото што го дава градоначалникот од оваа партија.

– Најмлаку зависи од нас дали изборната кампања ќе биде фер зашто сме опозиција, но убеден сум дека ќе имаме огромна поддршка од народот – рече Николоски.

За случувањата во Алијанса за Албанците, Николоски рече дека има голема разединетост во власта, и како што истакна, според него, време е ДУИ да оди во опозиција.

– Власта со години се обидуваше да направи раздор во ВМРО-ДПМНЕ, тоа не успеа. Но, наместо еден обединет фронт каков што беше најавуван, европски или не знам каков, сега ќе имаме, очигледно, најразединет возможен фронт на власта. Време е ДУИ да оди во опозиција и се создава силен отпор кон ДУИ во политичките партии на Албанците во Македонија – изјави Николоски.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ разговарала за идно коалицирање со албанските партии, Николоски изјави дека размислувале, но се уште не разговарале.

За пратенички листи и изборни единици, Николоски рече дека за листите ќе се знае кон крајот на март и почетокот на април, а за носителите веројатно нешто порано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.