Коалицијата Вреди и денеска на прес-конференција продолжи да објавува информации за тендери поврзани со фирми на семејството на пратеникот Елми Азири од Европскиот фронт.

-Вчера објавивме информации за тендерите кои фамилијарно поврзаната фирма на пратеникот Елми Азири ги добила од Министерството за политички систем и односи со заедниците, во времето на главниот логистичар на ДУИ, Артан Груби. Денес продолжуваме со објавување нови сознанија за тоа како истата фирма, чиј сопственик е внук на сопругата на пратеникот Елми Азири земала тендери од Општина Липково, од средното училиште „Исмет Јашари“ во Липково, од гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово и ЈЗУ Здравствен Дом – Куманово, истакна Бујаре Абази од Коалицијата ВРЕДИ на денешната прес-конференција.

На овие четири тендери, нагласи, фирмата РИТРОН КОПИ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, дала понуди за набавка на компјутерска опрема за што и биле исплатени без малку 1 милион денари.

-Овие информации јасно покажуваат дека без разлика дали се работи за набавки од помала или поголема вредност, без амин на ДУИ ниту една фирма не може да добие ниту денар. Очигледно е дека ДУИ владеел како мафијашка структура која не се воздржувала да ги злоупотребува народните пари за остварување политичко влијание, посочи Абази.

Во мрежата на ДУИ, како што кажа, се фаќале сите политичари „кои ја сфаќаат политиката и како можност за лично и фамилијарно богатење“.

-Затоа, го охрабруваме раководството на опозицискиот Европски Фронт, добро да му објасни на своето членство зошто клучните поранешни функционери на Али Ахмети и Зијадин Села се под сомневање за политичка корупција, порача Абази…

 

OДГОВОР ОД ДУИ

Не престануваат скандалите со албанскиот јазик. 

Јавното претпријатие за државни патишта ги стопираше постапките за проектот на претходното раководство кој имаше за цел промена на сите сообраќајни знаци на автопатиштата, согласно законот за употреба на албанскиот јазик.

Ова е чекор без преседан и штетен за спроведувањето на законот кој гарантира јазична еднаквост.

И покрај тоа што заврши процесот на избор на фирма за реализација на проектот, сегашното раководство одлучи да ја прекине постапката.

Ова може лесно да се провери во електронскиот систем за јавни набавки, што отвора сериозни прашања за односот на оваа влада кон спроведувањето на овој закон.

Демократската унија за интеграција предупредува дека овие неуспеси се резултат на недостатокот на изборен легитимитет на оваа власт, нејзината јасна неспособност да управува со клучните процеси и нејзината зависност од политичките влијанија на ВМРО.

Овие постапки се неприфатливи и сериозно му штетат на процесот на институционална еднаквост во државата.

Наместо да се соочат со своите одговорности, губитниците на изборите се обидуваат да ги прикријат овие масовни неуспеси со неосновани политички напади и непотребни прогони.

Насилното, самоволно и вонинституционално отстранување на таблите на границата со Косово и враќањето на старите табли е уште еден показател за неспособноста на оваа власт да ги спроведе институционалните и правни стандарди.

Жално е што по повеќе од 100 дена владеење, ова моноетничко раководство сè уште се обидува да ги обвинува другите за своите постојани неуспеси.

Овие акции не само што ги поткопуваат државните институции, туку претставуваат и јасен чин на дискриминација на Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.