Собранието денеска трет ден ќе расправа по Информацијата од Владата за францускиот предлог – преговарачка рамка за ЕУ, а со задоцнување од 40ина минути, само што почна продолжението на оваа 81 собраниска седница.

За дискусија останаа уште тројца пратеници, по што Собранието ќе треба да решава по Информацијата од Владата за францускиот предлог – преговарачка рамка за ЕУ.

Претходните два дена расправата се одвиваше во многу напната атмосфера, со свирежи од вувузели од страна на опозициските пратеници додека се обраќаат пратеници од СДСМ. Синоќа Костовски и Апасиев почнаа да се туркаат во салата, а за да не дојде до поголем инцидент, се вмеша потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми.

Пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со коишто на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.

За денеска напладне пред Собранието е најавен и нов протест.

Под мотото „Ултиматум – не благодарам“, во изминатите 12 дена се одржуваа протести против францускиот предлог пред законодавниот дом, Владата, пред споменикот „Скендербег“, а деновиве во паркот „Жена борец“ беа поставени и шатори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.