Во третиот уписен рок во четирите средни училишта во Велес има уште вкупно 265 слободни места. Уписите почнаа денеска и ќе траат до утревечер до 24 часот. Освен во училиштето кандидатите може да се запишат и онлајн. Најмалку слободни места има во ССОУ „Коле Неделковски“.
Како што информираат од Општина Велес, од вкупно 830 слободни места во четирите средни училишта во Велес, во првите два уписни рока, пополнети се 565 места.
Во ССОУ „Коле Неделковски“ има слободни места за струките електроника и телекомуникации, техничар за транспорт и шпедиција, заварувач, автомеханичар, машински техничар за моторни возила.
Во Гимназијата „Кочо Рацин“ во двете пријавувања во првиот уписен рок запишани се 106 ученика, од нив 84 ученици во македонските паралелки и 22 ученика во албанската паралелка. Во спортската паралелка, која работи во Гимназијата, а е засебен субјект, примени се 10 ученици, за фудбал.
Во Хемиското училиште ССОУ „Димитрија Чуповски“, како што информира за МИА директорот Петар Жабев, во двете пријавувања запишани се вкупно 135 ученици. Исполнет е профилот фармацевтски техничар и медицински лабораториско- санитарен техничар. Слободно место има само едно за медицинска сестра и едно за лични услуги. Слободни места најмногу има за физиотерапевт 18 , во одделението за месар –пекар има 27 и за техничар за заштита на животната средина 17 слободни места.
Во Економското „Јовче Тесличков“ има слободни места во сите смерови.
Пријавувањето е и утре до 24 часот, а списокот со пријавените кандидати ќе биде објавен на огласните табли во училиштата во среда на 23 август.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.