Неколку илјади граѓани на Охрид како и гости кои решија новогодишните празници да ги минат во нашето најпознато туристичко место, синоќа со забава на Градскиот плоштад ја испратија старата 2021 и ја дочекаа Новата 2022 година.
За нивното добро расположение на невоообичаено топло време овојпат се погрижија локални естрадни уметници и групи, најавен е настапот на „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска. Специјален музички гостин на вечерта беше Верица Ристеска, а свој перформанс имаа и диџеите „Фејс“ и „Гец“ заедно со Јана Слеј. Топлото време ги наполна дури и терасите на кафулињата на Плоштадот што не е вообичаено за овој период од годината особено во ноќните часови.
Весело беше и во угостителските објекти, кои беа солидно посетени со традиционална забава до раните утрински часови. Сепак, се уште тоа е далеку од времето пред ковид-епидемијата кога градот вриеше од туристи. Оваа година најбројни беа гостите од соседните држави, најмногу од Србија и Црна Гора кои не го криеа задоволството од амбиентот, гостопримството, храната…
Охриѓани и гостите овојпат исклучително дисциплинирани, новогодишната ноќ мина спокојно и мирно, и дури со зачудувачки мошне мал број фрлени петарди. Како што изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, во текот на новогодишната ноќ не е регистрирано ниту едно нарушување на јавниот ред и мир, без ниту една сообраќајна незгода. Единствено пет возачи се исклучени од сообраќај поради седнување зад волан во алкохолизирана состојба.
Територијалната противпожарна единица ноќта ја мина како да не се празници со поголем број гости во градот, без ниту една интервенција на терен.
Во Службата за итна мединцинска помош задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ, Споредбено со други години, овојпат за дочекот дежурните медицински екипи немале ништо повеќе работа отколку во обичните денови. Кога се работи за повреди и интервенции на алкохолизирани лица, ноќта била доста мирна, со тоа што медицинска помош побарале мал број алкохолизирани, за жал малолетни лица. Она што е посочено се зголемениот број повици за интервенции кај пациенти со покачена температура и симптоми на вирусни заболувања. Екипата на Итната медицинска служба распоредена на Градскиот плоштад за дочекот не пријавила ниту една интервенција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.