Во Кавадарци денеска стартуваше јавниот градски превоз со градски и приградски линии, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

-Во првите три дена, граѓаните ќе имаат бесплатно возење, а веќе од четврток ќе се наплаќа автобуска карта. Во рамките на градскиот превоз, со линиите за селата од Бошавијата ќе се започне од петок следната недела, додека за релација, општина Росоман, од понеделник 20 февруари, соопштија од кабинетот на Јанчев, споделувајќи ги сите релации на линиите и редот на возењето.

Неодамна беа презентирани три нови автобуси за превоз. Директорот на јавното претпријатие за градски превоз, Александар Ѓорѓиев информираше дека ќе има две градски линии што ќе сообраќаат во текот на цел ден, на временски интервали од половина час.

– Во приградскиот превоз ќе има четири линии, три пати дневно, ќе бидат опфатени сите приградски села, како и линија до Росоман со селата во росоманска општина. Ова претпријатие го опфаќа и превозот на ученици од сите средни и основни училишта во кавадаречката општина, појасни Ѓорѓиев.

Се располага со осум возила. Три нови и еден постоечки автобус, еден минибус и три комбиња за превоз на патници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.