Ние предлагаме закон со кој ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, да се злоупотребува правото на граѓаните да се здружуваат. Тоа ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија, такви има две и во најава е уште едно, изјави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.

-Ако власта е чесна треба да го стави прва точка на дневен ред во Собранието измените на законот за здруженија и фондации предложени од ВМРО-ДПМНЕ, па после тоа да се гледаат другите точки, рече Николоски.

Тој во интервју за Сител потенцираше дека со овој закон нема да може да ги користат имињата кои ги користат сега како Цар Борис, Цар Фердинанд итн и додаде дека меѓудругото, власта не го испитува потеклото на финансиите и начинот на кој се финансираат овие здруженија.

– Тие не се финансирани ниту од членовите на здруженијата, ниту преку бугарското МНР, туку од една фондација каде главен финансиер и сопственик е еден бугарски тајкун, главно присутен во медицинскиот бизнис, кој хара низ Македонија. Клучното прашање и за Агенцијата за разузнавање, агенција за национална безбедност и финансиско разузнавање е што прават овие три институции и зошто спијат? Основен опис на работа им е заштита на уставноправниот поредок на Македонија, а поголем упад од овие територијални, јазични, културни, народни претензии и оживување на фашизмот, што може да биде друго? Директно се удира во темелите на државата, изјави Николоски.

Ваквата реакција на Николоски доаѓа откако претходно во интервју за бугарските медиуми проф. Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања изјави:

-Република Cеверна Македонија во моментов категорично не се однесува како кандидат за членство во ЕУ. За жал од 2019 година наваму гледамо едно враќање на стандардното пропагандно политичко однесување, што не потсетува на почетокот на 90-тите. Во одредена смисла, дури и на втората половина на 1940-тите, кога Бугарија беше прогласена за непријател на комунистичка Југославија и новооснованата Република Македонија. Аргументите кои сега ги гледаме за тоа до кој степен бугарските здруженија во РСМ се законски или не, почнуваат да потсетуваат на духот на законот за Македонската национална чест. Апсурдни се тврдењата дека бугарските клубови ја навредуваа македонската чест“.

Тој додаде:

-Зачуден сум од еден неверојатен парадокс: Ако името на Иван Михајлов се смета за противзаконско и навредливо за националните чувства, тогаш треба да се забрани и партијата ВМРО, бидејќи Иван Михајлов е лидер на таа партија. По 1944 година многу Бугари беа прогонувани и убивани дури и под знакот на „вмровисти“; така што постои двоен парадокс: кога државните органи не можат да направат разграничување меѓу организацијата и нејзиниот водач, – од една страна; и обратно – кога самата организација шпекулира со ова име, употребувајќи го сосема легитимно, но проповедајќи сосема друга идеологија и политички намери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.