ВМРО-ДПМНЕ доцна вечерва испрати соопштение во врска со „упадот“ на грчки хакери во Министерството за образование и наука.

Според нив, постигнато е „уште едно дно на оваа влада на Ахмети и двојниот пиун Ковачевски“.

„Грчки хакери гледале низ безбедносните камери во МОН и македонската влада. Тоа покажува дека решето влада, донесе решето безбедносен систем. Како Ковачевски и Ахмети ќе се грижат и водат борба против хибридни напади кога толку многу се посветени на крадење и тендери. Како Спасовски ќе се грижи за безбедносниот систем кога главна преокупација му е како транспортна фирма блиска до СДСМ да го земе тендерот од 1 милион евра за редење сончеви панели. Како АНБ ќе спречи хакерски напад кога главен дострел заедно со МВР им е тоа што го затворија кафичот на нарко босот Шеваљ, и запленија кујнски нож, наместо да го уапсат и конфискуваат милионскиот имот стекнат од шверц на дрога“, велат од партијата.

Од таму се додава дека Македонија е препуштена на аматери кои глумат држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.