Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска порача дека нема намера да поддржи никаков пазар во однос на разговорите со Бугарија.

Според него, ако власта имала чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот, најпрво требала да го сподели со неа прашалникот 5+1 и да разговара сериозно.

Очигледно има некој пазар позади завесата и затоа ВМРО-ДПМНЕ, односно идната влада, таков пазар, скриен зад очите на јавноста, нема намера да поддржи. Ова е порака до Петков, до Радев и до сите што го фасилитираат тој процес, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Ѓорче Петров.

Мицкоски нагласи дека преговарачките позиции се подриваат со тоа што се лицитира со идентитетот на македонскиот народ и со идентитетот на државата.

Преговарачките позиции се подриваат со тоа што Артан Груби, Бујар Османи и Али Ахмети лицитираат со промена на Уставот, а тоа го потврдува администраторот Ковачевски, слепиот следбеник на заевизмот. Така се подриваат преговарачките позиции, а со барање да се поддржи декларација за Гоце Делчев, не само што се зацврстуваат, туку и уште повеќе се дава тежина на тие преговарачи кои се на маса и преговараат. Затоа понудив единство, да застанеме сите заедно во одбрана на македонските национални интререси – зашто на народот му е преку глава од корумпирани политичари кои се богатат на сметка на идентитетот на народот и градат политички кариери. Не треба само да климате со глава додека ги газите црвените дебели килими каде и да одите надвор од Македонија, туку да седнете со граѓаните и да ги прашате што им недостасува, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За него, ова не е циркуска атракција, туку исклучително сериозно прашање кое ги засега и државата и народот.

Ова не е циркуска атракција па преку медиуми или соопштенија да се каниме на средби или да кажуваме кој кого побарал на краток телефонски разговор. Се седнува на маса и се разговара ако има вистинска волја. Ние сме тука, нудиме помош за национално единство, повтори Мицкоски. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.