Сè поголем е бројот на граѓаните кои се незадоволни од работата на оваа влада, се зголемува и процентот на определените гласачи кои би излегле на гласање, расте рејтингот и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Она што е интересно е и растот на популарноста на новата политичка партија ЗНАМ и нејзиниот лидер Максим Димитриевски. Ова се дел од резултатите од телефонската анкета спроведена на 1.200 испитаници од агенцијата Маркет вижн од 15 до 24 март, по нарачка на редакцијата на МКД.мк.
Дури 70 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека работите во Македонија се движат во погрешна насока. Само 16,5 отсто од испитаниците одговориле дека насоката е правилна.
И натаму, како и на претходната анкета од декември минатата година, за граѓаните најголемиот проблем е криминалот и корупцијата во државата (29,2%), на второ место е инфлацијата, растот на цените и трошоците за живот (17,6%), невработеноста 14,2 отсто, емиграцијата, отселувањето на младите 7,8 отсто…
Дека Владата неуспешно се справува со овие проблеми сметаат 66,6 отсто од испитаниците во анкетата, а само 5,7 отсто од нив велат дека власта тоа го прави успешно.
Ако се оценува успешноста на Владата од 1 до 10, тогаш средната добиена оценка би била тројка – 3,03.
Токму затоа 71,4 отсто од анкетираните одговориле негативно на прашањето дали Владата заслужува уште еден мандат. Дека власта заслужува уште еден мандат сметаат 17,1 отсто од испитаниците.
На прашањата за тоа во кој политичар веруваат и во кој лидер на политичките партии имаат најголема доверба, според одговорите на испитаниците на двете листи на прво место е Христијан Мицкоски (25,1 % и 16,6 %). На овие прашања интересен е резултатот на Максим Димитриевски, претседателот на ЗНАМ, кој покажува поголема популарност и од Стево Пендаровски.
Во албанскиот блок Али Ахмети е убедливо прв (11,6% и 6,9%), а на второ место меѓу Албанците и како политичар и како лидер на партија е Арбен Таравари (7,9% и 4,2%). Оваа анкета покажува пад на популарноста на Димитар Апасиев и на неговата партија Левица.
Популарноста на досегашниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и како политичар и како лидер на партија е 5,6% и 4,9 %. Висок процент од 49,2 отсто немаат доверба во ниту еден лидер на политичките партии во Македонија.
Процентот на излезноста на граѓаните за гласање на претстојните парламентарни избори, во споредба со анкетата на МКД.мк лани во декември е во пораст. Дека на изборите на 8 мај ќе излезат на гласање одговориле 66,6 отсто од испитаниците (во декември овој процент беше 60%), сè уште не одлучиле 7,6 отсто од анкетираните, а со „не“ одговориле 25,7 отсто.
Според рејтингот на политичките партии, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство – 27,2 %. Коалиција предводена од СДСМ би освоиле 10,7 отсто од гласачите, ДУИ – 8,7%, коалицијата Вреди 7,7%, ЗНАМ 5,5%, Левица 5,3%…
Анкетирањето е спроведено од 15 до 24 март со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 99%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
Извор: МКД.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.