Актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески,Татјана Васиќ, државен советник во Министерството за правда и Фатмир Скендер, актуелен судија и поранешен секретар на општина Центар Жупа, како што дознаваме неофицијално ќе бидат предложени од СДСМ за членови на Уставен суд на денешната седница на Комисијата за избори и именување.

ВМРО – ДПМНЕ има шест предлози, професорите Саво Климовски, Родна Живковска, потоа Бранко Секулоски, поранешен судија и претседател на Основниот суд во Гостивар, Весна Јовановска, судијка во Управен суд и Тодор Витларов, обвинител од Штип.

Уставниот суд со месеци е блокиран и работи само со четворица судии. Претседателката Добрила Кацарска неколку пати апелираше до Собранието да избере судии. Таа дури и преку писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери побара во најскоро време да се изберат нови четворица уставни судии за да не дојде до целосна блокада на Уставниот суд, откако и на судијката Вангелина Маркудова ќе и истече мандатот до крајот на годинава.

Во мај минатата година им истекоа деветгодишните мандати на уставните судии Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати, а на 14 јануари годинава и на Јован Јосифовски.

Кадровскиот недостиг во Уставниот суд, повлекува одложување на расправите, а имаше застој и во одлучувањето, за 11 предмети меѓу кои и за законите за Јавното обвинителство, за високото образование и за додатоците на пратениците, како и за Деловникот за работата на Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.