Власта останува на ставот дека во моментот не се потребни предвремени парламентарни избори, а опозицијата и понатаму бара нивно одржување. По блокадата на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ најавува „нови чекори“ за кои треба да се разговара денеска на седница на Извршниот комитет на партијата. Од друга страна, вчера, и Алтернатива, која е дел од владината коалиција, се изјасни дека во услови на најголема економска и енергетска криза не треба да има избори.
Лидерот на Алтернатива Африм Гаши од вчерашниот Конгрес на партијата порача дека предвремени избори во моментот не се потребни.
– Нормално е секоја опозиција да се труди што поскоро да има избори и тоа е легитимно. Ние мислиме дека предвремени избори не се потребни. Да мислевме спротивно, пред три месеци немаше да станеме дел од ова Влада, туку ќе одевме на избори, изјави Гаши, додавајќи дека во услови на економска и здравствена криза не се потребни избори поради стабилноста на земјата.
И од СДСМ сметаат дека Владата презема мерки и се справува со предизвиците што ги наметна енергетската криза и дека не се потребни избори. Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати досега изјави дека лидерска средба нема да се одржи ако на неа се разговара само за барањето на опозицијата за предвремени избори.
– Веќе кажавме дека средба за предвремени избори не треба да се одржи зашто такво барање доаѓа во услови на најголема енергетска и економска криза. Ни претстои најтешката зима со која ќе треба да се справиме и за што деноноќно правиме планови, изјави Ковачевски во петокот.
Бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, според Ковачевски, е несериозен, бидејќи таму се носат закони кои се од интерес на граѓаните.
– Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине, порача Ковачевски во саботата.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за денес најави седница на Извршниот комитет на партијата на која ќе се разгледаат следните чекори што ќе ги преземат. Партијата останува на ставот да се блокираат сите закони кои сметаат дека се штетни.
– Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре. Не очекувам дека луѓето туку така ќе ја напуштат фотелјата, изјави Мицкоски во саботата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.