Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување во дневникот на ТВ Сител истакна дека чекорите што ги презема ВМРО- ДПМНЕ се во насока да се организираат предвремени парламентарни избори, но од суштинско значење е и формирање на четирите тима од кои беа предлог на ВМРО-ДПМНЕ и кои ќе дадат одговор на четирите клучни проблеми со кои се соочува Македонија.

„Предвремени парламентарни избори и за овие четири области кои се исто битни затоа што избори како избори нема да решат ништо ако ние не дадеме одговор на четирите клучни проблеми со кои се соочува Македонија. Број еден, по мене финансии. Понатака проблемот со Бугарија како и исто не помалку битни број 3 и број 4 образование и здравство. Ако во овие сектори ние немаме одговори, тогаш не правиме ништо. Не гледам зошто е одбивањето експерти од ВМРО-ДПМНЕ да седнат со тие кои што ги водат овие четири ресори и да заеднички размениме мислења и да помогнеме. На крајот на денот доколку имаме квалитетни луѓе, а имаме и експертски квалитетни и политички искусни, зошто да не помогнат на државата и не можам да разберам која е причината што власта одбива“ истакна Николоски.

Тој додаде дека многу е битно сега да се организираат избори бидејќи доколку оваа влада со овој капацитет остане во текот на есента и зимата, Македонија ја чека катастрофа.

„Доколку има силен капацитет во Владата веројатно и ние не би инсистирале толку многу. Ние го почнуваме сето ова сега во пролетта затоа што се плашиме дека доколку остане оваа Влада со овој капацитет во текот на есента и зимата катастрофа ја чека Македонија. Нас многумина не советуваат и ни велат почекајте до пролет и ќе е уште полошо, ќе пораснете на анкети дополнително, ќе имате уште поубедлива победа, но не мислам дека тоа е чесно кон народот да ние стоиме на страна, да ја оставиме владата да тоне, да оставиме револтот на народот да се зголемува и ние само да користиме. Тоан се карактеристики на едни друг тип на политичари кои сега ги нема во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сметаме дека сега е време да се направат избори да народот даде легитимитет на тие кои што мисли дека треба да даде легитимитет и да можат есента и зимата со полн легитимитет да ја водат Владата затоа што дури и оваа влада има спорен легитимитет имајќи предвид дека се држи на еден два пратеници, па не смее Ковачевски збор да каже против Џафери затоа што ќе му падне Владата“, потенцираше Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.