Првичните очекувања дека цената на енергенсите ќе се намали уште во првото тромесечје од 2022 година полека но сигурно избледуваат. Во текот на вчерашниот ден министрите на ДУИ дадоа загрижувачки изјави за медиумите, вели Ане Лашкоска, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, засега на ниво на шпекулации ја оцени можноста од недостаток на електрична енергија, а речиси повеќе од сигурно новонастанатата состојба во Украина ќе влијае врз цената на енергенсите. Во текот на вчерашниот ден цената за 1000 кубни метри гас на лондонската берза достигна и ниво од 960 долари. Најавите од Русија која важи за значаен снабдувач со гас за европскиот континент се дека цената може да дојде и до 2000 долари за 1000 кубни метри. Како резултат на зголемените цени на гасот во изминатиот период Македонија прогласи кризна состојба за снабдување со топлинска енергија т.е. криза во снабдувањето со парно за дел од жителите на Скопје. Во првиот месец од кризната состојба, Владата плати 6 милиони евра, а крајот на кризната состојба е 30 април, вели таа.
Во делот на електричната енергија, цената на унгарската берза од која се снабдува нашата држава во одредени периоди од денот повторно достигнува околу 250 евра по мегават час.
Таа цена е шест пати повисока од цената по која произведуваат домашните капацитети. За потсетување домашните капацитети за 10 години го имаат преполовено своето производство, од 6 илјади на 3 илјади гигават часови. Неспобноста во управувањето на енергетскиот сектор ја плаќаме со повисока цена на струјата за 30% во последните 18 месеци. Дополнително, Владата во периодот ноември 2021 – февруари 2022 година на АД ЕСМ му префрлила 170 милиони евра. Тенденцијата е овој износ да надмине и 200 милиони евра. Од најпрофитна компанија, до загубар во само еден мандат на СДСМ и ДУИ, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Во делот на горивата, ова е коалицијата за која важи мотото „сиромашните не возат“ и затоа сметаат дека дополнителните давачки што ги воведоа во изминатите години не влијаат на животниот стандард. Пред некој ден излезе информација дека автобускиот превоз од еден до друг град поскапе за 15 до 20 проценти, а власта вели не ги засега граѓаните. Транспортните компании во изминатиот период неколкупати бараа помош од Владата, но попусто. За нешто помалку од две години цената на литар дизел од 46 денари се зголеми на 75 денари, а литар бензин од 50 денари во април 2020 година, сега се продава по цена од 84,5 денари. Почитувани, поскапувањата кај енергенсите се на дневна основа, а Владата нема никаква стратегија за пребродување на овој период. Бизнис секторот мора да добие поддршка од Владата. Во приватниот сектор работат 600 илјади луѓе. Од бизнис сектор се полни најголем дел од буџетот и државата мора партнерски да се однесува кон него, истакна Лашкоска.
Токму затоа како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија бараме, во најбрз можен рок да се закаже јавна расправа за енергетско-економската состојба во Македонија, и за тоа како да се премости кризата со цената на енергенсите кои влијаат на ликвидноста на компании, а со тоа и на цените на производите кои ги продаваат.
Резултатот од оваа јавна расправа мора да е еден оперативен план со конкретни мерки кои треба да ги превземе власта за полесно пребродување на 2022 година“ – рече таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.