По најавата на Павле Трајанов дека ДС и други помали партии може да излезат од коалицијата со СДСМ и ДУИ, сега слична порака доаѓа и од Скендер Реџепи – Зејди од партијата Алтернатива.
Оваа мала албанска партија пребега од опозицискиот блок и ја растури коалицијата со Алијансата на Албанците за да им се приклучи на СДСМ и ДУИ по неуспешниот обид за гласање недоверба на владата на Заев во ноември. Но Реџепи сега повторно се премислува.
Власта незадоволна од Владата. Само пет месеци откако станаа дел од владиното мнозинство, Алтернатива размислува да ја напушти Илинденска. Пратеникот Скендер Реџепи Зејд вели дека многу ветени работи не биле исполнети, а доколку не се исполнат тој не гледа причина да се остане во власта.
-Не сме задоволни од работата на Владата. Не сум задоволен од тоа што ветивме пред да влеземе во оваа коалиција. Ветивме напредок на преговорите со ЕУ – ништо, ветивме конкретни проекти за граѓаните – нема ништо од тоа. Не сум задоволен. Ако продолжи вака Алтернатива, подобро да ја напушти владината коалиција. Понатаму, тоа што беше договорено со коалицискиот партнер СДСМ, не е исполнето. Многу кадровски решенија не се реализирани, а беа ветени, изјави Реџепи Зејд.
Тој го предупреди партискиот лидер Африм Гаши дека Алтернатива ќе заврши како веќе скоро исчезнатите партии ДПА и ПДП.
Владата тешко би можела да преживее без гласовите на Алтернатива.
Стабилноста на Владата ја потресе и Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз. Тој порача дека би гласал за предвремени парламентарни избори, доколку повторно биде блокиран законот за една изборна единица, закон кој е проблематичен за ДУИ, што директно удира во темелите на Владата.
-Како што имаше избори во Србија, во Словенија, во Франција, така да тие процеси мора да течат и во Македонија. Не може Демократскиот сојуз самостојно да предизвика предвремени парламентарни избори, ако има таква иницијатива јас како претставник на Демократскиот сојуз ќе гласам за предвремени парламентарни избори доколку повторно биде блокиран законот за една изборна единица, изјави Павле Трајанов.
Ваквите пораки од владиното мнозинство доаѓаат само неколку дена откако премиерот Ковачевски се пофали дека имал стабилно владино мнозинство, поголемо од претходното на Зоран Заев.
-Уцена со одбројување, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред предвремени избори, таква средба не може да има, затоа што не може да биде единствена точка предвремени избори. Владата има зголемена парламентарна поддршка во Собранието визави претходната Влада, сега има 64 пратеника поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните, изјави Димитар Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.