Пратениците од Комисијата за европски прашања да не дадат поддршка за новиот Закон за игри на среќа поради негова неуставност, реагира австрискиот амбасадор Георг Вуцас до Владата и пратениците откако измените на регулативата за игри на среќа стигнаа во законодавниот дом. Амбасадорот реагира дека Владата го злоупотребува и европското знаменце за да избегне јавна дебата за контроверзниот закон.

Актуелните одредби ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во член 8 од Уставот, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, пишува во писмото амбасадорот на Австрија во земјава.

Амбасадорот во писмото потенцира дека измените на Законот кои што ги предлага Владата се косат и со други членови од Уставот – членот 51 каде е регулирано дека сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Вуцас наведува дека измените на регулацијата се спротивни и со членот 52 од Уставот во кој е регулирано дека законот не може да има ретроактивно дејство, а се косат и со членот 59 кој гласи:

На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивка. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Австрискиот амбасадор бара од пратениците од Комисијата за европски прашања, доколку на дневен ред биде ставен предлог-законот, да не го разгледуваат поради ненадлежност и да не дадат согласност за предлог законот поради неуставност.

Вуцас укажува дека владеењето на правото ги опфаќа сите институции и процеси, а исклучително е важна одговорноста што ја има законодавниот дом.

Пратениците и Владата го добиле писмото од австрискиот амбасадор и за дел од медиумите информирале дека забелешките сериозно ќе ги разгледаат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.