Владата ја поздрави денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која, како што велат, е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.

Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на шест случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Cеверна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика „да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат“.

Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство нa Cеверна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети. Воедно, Владата на Република Cеверна Македонија посочува дека во рамките на своите надлежности обезбедува поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем. Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси, се додава во соопштението.

Од Владата информираат дека официјален превод на сижето од одлуката ќе биде доставено до јавноста во форма на соопштение од страна на Бирото за застапување на Македонија пред ЕСЧП, а ќе биде и прикачено на веб страницата на Владата во најбрз можен рок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.