Протоерејот на Московската патријаршија на Руската православна црква, Николај Балашов, изјави дека РПЦ го поддржува единството на СПЦ и дека е против создавање на нова црква во Црна Гора, како и дека постои можност под притисок на американските политичари, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј да ги поддржи расколниците во Црна Гора, јави дописникот на МИА од Белград.

Протоереј Балашов, кој е заменик-претседател на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, истакна дека Руската и Српската православна црква имаат традиционално блиски односи и меѓусебно се поддржуваат.

-Ние во РПЦ го поддржуваме единството на Српската православна црква и сме против создавање на нова црква во Црна Гора. Ако се анализира тоа што сакале расколниците во Црна Гора, лесно ќе се забележи дека тие се обиделе по ист рецепт да грабаат храмови и верници како оние во Украина, изјави протоереј Балашов во интервју за белградски Вечерње новости.

Кога станува збор за состојбата со црквата во Македонија, Балашов кажа дека постои можност патријархот Вартоломеј, без согласност на Белград, да ја признае автокефалноста на „Скопската црква”, како што велат во Константинопол, бидејќи никогаш нема да ја признаат како Македонска црква.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.