Уставните амандмани нема да бидат разгледани на денешната владина седница, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски, иако вчера министерот за правда Кренар Лога во изјава за медиумите рече дека најверојатно денеска Владата ќе биде ја разгледа Предлог-иницијативата за уставни измени.

– Кога ќе ги средат службите и кога ќе дојдат на дневен ред, тогаш ќе ве информираме, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по настанот организиран по повод 70-годишниот јубилеј на Институтот за македонски јазик.

Ковачевски негираше дека се врши притисок врз пратеници од опозицијата за да се усвојат уставните измени.

– Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту пак ќе се случи. Бевте сведоци на гласањето на „францускиот“ предлог минатата година кога пратениците од мојата политичка партија беа слободни да гласаат како што сметаат дека треба да гласаат и предлогот беше донесен со 68 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“, бидејќи оние што беа „против“ не влегоа да гласаат, туку излегоа надвор. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше „против“, тие зборуваат против и потоа бегаат надвор за да не им замери некој од странство, бидејќи реторката што ја имаат во јавноста и кај странските претставништва е тотално различна, рече Ковачевски.

Останува на ставот дека платформата за заеднички разговор договорен на лидерската средба е добра основа да се направат следните чекори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.