Нема притисоци врз било кој пратеник во Собранието за носење на било која одлука, па дури и за гласањето на уставните измени. Ова го тврди премиерот Димитар Ковачевски. Тој се осврна и на реториката која ја застапува ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот посочува дека опозициската партија едно зборува пред јавноста друго пред странскиот фактор.

Сакам да демантирам било каков притисок кон било кој пратеник во Собранието, од било која политичка партија. Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту ќе се случи. Бевте сведоци на гласањето на францускиот предлог минатата година, кога и пратениците од мојата политичка партија беа слободни да гласаат така како што сметаат дека треба да гласаат. Предлогот беше донесен со 61 глас ‘за’ и ниту еден глас ‘против’. Бидејќи овие што беа против не влегоа да гласаат против, туку излегоа надвор. ВМРО-ДПМНЕ не гласа против, тие зборуваат против и излегуваат надвор, за да не им замери некој од странство. Бидејќи реториката на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста и пред странските претставништва е тотално различна. Тие ќе тропаат, палат, а кога треба да се гласа – се излегува надвор – рече Ковачевски.

Тој смета дека на ВМРО-ДПМНЕ им се исполнети сите услови за да поддржат уставни измени.

Платформата за заеднички разговор која беше договорена на лидерската средба, бидејќи сите услови на лидерската средба беа испочитувани, бидејќи таму Христијан Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со промена на Уставот и внесување на бугарскиот народ, изрази желба да биде дел од Влада – јас понудив братски, половина со половина министерски места. Бараше ДУИ да не биде дел од Влада, тоа беше прифатено. И Алијанса и БЕСА рекоа дека нема да бидат, а тоа значи на ВМРО-ДПМНЕ му се ослободуваат уште министерски места – додаде Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.