Не требаше да минат ни неколку часа од вчерашниот брифинг со новинарите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кој беше промовирано се уште не конечното прашање за најавениот референдум, а шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски да ги фрлат антиевропските етикети и врз изјаснувањето на граѓаните, и врз партијата, и врз лидерот. И со нивните реакции апсолутно не изненадија ама баш никого. Зашто, волкот, како што велат, влакното го менува ама карактерот нe,aнализира „Пресинг ТВ“.
Напротив, и Пендаровски, и Ковачевски по којзнае кој пат го манифестираа конвертитскиот синдром, што длабоко тлее и карактерно, и во нивното практицирање на власта.
Ако само малку се прогугла може да се види дека основата на конвертитскиот синдром лежи во пременување од една во друга вера, односно религија. Но, покрај ова основно значење конвертитскиот синдром има сличност со уште цела дузина други зборови или фрази, што се употребуваат или користат во контекст на промени.
И тука може да се наведат само некои како, на пример, антихристијански синдром, минхаузенов, етнонационалистички, губитнички, капитулантски, нихилистички, титоистички, изолационистички, амоватиоционен, антицивилизациски, едипов, асимилаторски, милитаристички, глобалистички, малограѓански, антидемократски, хегемонистички, елитистички, аутодеструктивен, инфантилен, самоуништувачки, неолиберален, партитократски, психопатолошки, реваншистички…
Навистина, тешко е да се поверува дека шефот на државата и премиерот сакаат да преминат од една во друга вера или религија, меѓутоа јавноста може да избере кој сака од наведените поими и нема да погреши за кој и да се одлучи. Зашто, обајцата се, пред се, политички конвертити и во дневно-политичката битка крајно безобразно, дрско и безобѕирно ги извртуваат политичките тези.
-На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, изјави вчера Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
И уште додаде:
-Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето, рече Пендаровски.
Премиерот Ковачевски беше само бледа копија на шефот на државата.
-Прво, Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава, членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО-ДПМНЕ е партија, која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левице се единствените две партии, кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Македонија. Меѓутоа, доминантниот број на пратеници 68, што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум, што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба, бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица, која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ, изјави тој.
Со ова, Пендаровски и Ковачевски не му лепат анти-НАТО или анти-ЕУ етикети на ВМРО-ДПМНЕ или на нејзиниот лидер Мицкоски. Им лепат етикети на над 70% од етничките Македонци, кои не се согласуваат со условите и со цената, што треба да ја платат за членство во ЕУ, покрај таа, што веќе ја платија за членство во НАТО! И овој процент го покажуваат сите релевантни анкети, па нивното етикетирање е надвор од здравиот разум!
Ниту тие над 70% етнички Македонци, ниту партијата ВМРО-ДПМНЕ се антиевропејци. Напротив! Антиевропски се и Договорот за добрососедство, пројателство и соработка со Бугарија, исто како што е антиевропски и францускиот предлог!!!
Зашто, во нивната основа лежи асиметричноста и злоупотребата на членството во Европската унија, лежат неевропски вредности, лежат бескруполозни уцени, лежи демакедонизација на етничките Македонци и нивно асимилирање и отворена бугаризација. Би било недоветно да се помисли дека таа лежи во економската или соработката од било кој вид. Лежи во „заедничката историја“, што ќе се пресели во образовниот систем и идните генерации ќе учат дека нивните претци биле етнички Бугари, а терминот Македонец нема етничко, туку територијално значење.
Впрочем, и Пендаровски и Ковачевски самите нека се запрашаат што ќе чествуваат заеднички на 24 мај со своите бугарски колеги во Рим-дали делото на светите браќа Кирил и Методиј како сесловенски просветители или Денот на бугарското образование, култура и словенско писмо, како што стои во првиот меѓувладин протокол!? А, Пендаровски дополнително може да си го постави и прашањето дали неодамна во Бар подари релјеф од македонската принцеза Косара или таа, сепак, била бугарска, како што прифатија оние наши квази-историчари?
Затоа удбашките етикетирања на Пендаровски и на Ковачевски не минуваат, ниту пак има кој да ги купи. Повеќе наликуваат на политички конвертити на кои им се брза да станат што побргу побугарчени јаничари македонци, отколку да останат етнички Македонци. Впрочем, што во Република Македонија е Бугарин-професија или националност?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.