Иницијативата за распишување референдум има прилично правни аномалии, недостатоци што ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на една замислена цел, потенцијална, каква и да е, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.

Пред иницијативата да биде поднесена, вели, министерот, требало да се земат предвид одредбите од Уставот, законот за референдум и собранискиот Деловник.

Во Член 118 од Уставот експлицитно е уредена материјата во однос на меѓународните односи и во тој контекст на меѓународните договори. Тие, како што стои во овој член, претставуваат составен дел од внатрешниот правен поредок на државата и не можат да бидат менувани со закон, рече Тупаневски во изјава пред промоцијата на Националната стратегија за превенција и правда за децата (2022-2026) и Акциски план (2022-2023).

Според него, особено важна е и регулативата во Законот за референдум.

-Член 24 имплицира дека станува збор оти референдум би можел да биде распишан пред потпишување, односно ратификација на меѓународен договор. Се разбира дека овој закон има уште една одредба која се чини дека би можела да биде релевантна, а тоа е членот 28, кој се однесува на Бадентеровото мнозинство и какви имликации има таа одлука при распишувањето на референдумот. Тука постои уште деловникот на Собранието на Република Македонија и тоа се актите кои се релевантни при донесување одлука за распишување референдум, рече министерот за правда.

Тој потсети дека единствени надлежни во државата и во меѓународното право за склучување и потпишување меѓународни договори се претседателот на државата и Владата на земјата што го потпишува.

-Да не заборавиме дека меѓународното право, по многу работи се разликува од националното право, во однос на комплементарноста. Ќе мора задолжително да се почитуваат обврските кои се преземени од Меѓународниот договор, а за начинот на кој може да биде раскинат сигурно е дека за тоа не е надлежно Собранието на Република Македонија. Дефинитивно кога се зборува за процес на дератификација, тој никаде не е регулиран со национален пропис, вели Тупанчевски.

Според министерот за правда нема посебна регулатива во однос на тоа како може да се раскинуваат меѓународни договори.

-Но да го кажам моето лично правно размислување – во самите меѓународните договори кои се ратификувани, постои начин како може да се раскинат. Меѓународните договори на некој начин се сепаратно право и ја регулираат и материјата на кој начин може да бидат еднострано откажани или како да се повлече од обврските кои произлегуваат од него, истакна министерот Тупанчевски.

Во средата претседателот на Собранието Талат Џафери ја одби иницијативата за распишување референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставана, односно оти член 118 од Уставот предвидува оти Меѓународни договори не можат да бидат менувани со закон.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија.

Претходно, на 5 септември Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ го усвои референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.