Пожарникарите вчера интервенирале и изгаснале 14 пожари на отворено што се ширеле со голема брзина, а на терен во исто време имало поројни дождови, поплавени подруми, наноси по патишта и одрони, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Вчера, прогнозата на УХМР се оствари и имаше посилни локални врнежи прво во северниот дел од државата, што потоа се проширија во западниот дел на државата, а во исто време во југоисточниот дел на државата имаше пожари со засилен ветер заради што опасно брзо се ширеа, соопшти ЦУК.

Како што посочуваат, вчера попладне во 15:50 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за пожар кај село Жеганци во Општина Чешиново – Облешево, на влезот до селото кај локалниот канал.

Огнот се движел брзо и претставувал опасност за куќите. Биле известени пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ од Кочани, коишто го локализирале, а потоа и го изгаснале пожарот. Потоа, на 112 во ЦУК, е добиена пријава за пожар на отворено кај месноста позната како „Трафостаница – Дуброво“ во Општина Неготино што, според пријавителот, бил со големи размери. Пожарникарите од ТППЕ Неготино веднаш излегле на терен, велат од ЦУК.

Оттаму прецизираат дека во атарот на село Дуброво горела сува трева и шума.

Заради засилениот ветер пожарот се проширувал со голема брзина. На терен интервенирале Територијалната противпожарна единица ТППЕ Неготино со 12 пожарникари и три противпожарни возила, а на помош биле на терен и пожарникарите од ТППЕ Кавадарци со три пожарникари и едно теренско (4х4) возило. Заеднички, храбрите пожарникари од Неготино и од Кавадарци го ставиле огнот под контрола и ја отстраниле опасноста по населеното место,а потоа и го изгаснале, посочуваат од ЦУК.

Другите изгаснати пожари на отворен простор, при што гореле стрништа, висока трева и ниска вегетација и шума, како што нагласуваат, биле во: Општина Битола, 4 пожари на отворено, во реонот меѓу селата Живојно и Бач; кај село Вашарејца, во атарот на село Велушина и во непосредна близина на „РЕК Битола“; Општина Долнени, во атарот на с.елоСливје; Општина Прилеп, во близина на фабриката ,,Микросам“; Општина Василево, кај село Василево; Општина Валандово, кај село Марвинци; Општина Делчево, 2 пожара – еден помеѓу селата Ѕвегор и Габрово и еден кај село Крупиште; Општина Карбинци, во атарот на село Карбинци и во Општина Куманово, кај во село Доброшане.

Поради обилните врнежи дожд, од друга страна, што ја зафатија Општината Дебар и околината Регионалниот ЦУК Дебар информира дека има поплавено неколку подруми во населбата „Венес 2“ и во другиот дел од градот каде што на терен се излезени екипи од ЈП „Стандард“ и пожарникарите од ТППЕ Дебар, но немало некои поголеми материјални штети. Исто така, од големите врнежи во атарот на село Долно Косоврасти реката којашто доаѓа од атарот на село Горно Косоврасти излегла од своето корито и го поплавила патот и блиската околина до течението со вода и со наноси од земјена и камена мешавина – лава/кал. На местото на настанот било веднаш интервенирано со градежна машина – булдожер од „Кнауф Дебар“ и со приватни камиони, по што патот и коритото на реката се исчистени и патот бил повторно прооден, велат од ЦУК.

Оттаму апелираат итните случаи и опасностите за граѓаните, за нивните материјални и за приодните добра да се пријавуваат на Единствениот телефонскиот број за итни случаи 112 во ЦУК, со што, како што нагласуваат, побрзо се лоцира местото на настанот, како во урбана средина, така особено што е на терен на отворено, со што се има можност и побрзо и поефикасно се ангажираат институциите од Системот за управување со кризи (СУК).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.