Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, учествуваше на Деветтиот симпозиум на високо ниво во организација на Кинеската академија на општествени науки од Пекинг, на тема „Соработка во нови околности: Статус кво и аспирации“.

Како што информираат од Кабинетот на поранешниот претседател, во своето излагање Иванов се осврнал на годинашниот јубилеј 30 години од воспоставување на дипломатските односи и 30 години пријателство со Народна Република Кина.

Од воспоставувањето на дипломатските односи Народна Република Кина има обезбедено за Македонија преку 325 милиони јуани помош за образование, медицинска нега, научни истражувања и други области. Трговскиот баланс е со константен трговски дефицит за Македонија. Во 2022 година остваривме извоз од 57 милиони долари, а увезовме стока во износ од 994 милиони долари. Кина е четврта земја по ред со која Македонија остварува најголем обем на размена со светот, а веројатно наскоро ќе биде и трета, порача Иванов.

За време на симпозиумот, Иванов остварил средби со претседателот на кинеската академија за општествени науки Гао Џианг, како и со дел од своите поранешни колеги Борут Пахор, поранешниот претседател на Словенија, Младен Иваниќ, поранешниот претседател на претседателството на Босна и Херцеговина и Иван Мркиќ, поранешниот министер за надворешни работи на Република Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.