Рејтингот на СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски е во слободен пад, а тоа се забележува и од атмосферата која владее во јавноста, но и од последните анкети кои потврдуваат дека ниту една влада досега немала понизок рејтинг од актуелната.

Ваквиот катастрофален рејтинг се должи пред се на разочараноста кај граѓаните која е толку голема колку што беа и ветувањата и големите очекувања од СДСМ од самиот момент кога дојде на власт во 2017 година.

Во тој период, СДСМ иако немаше најголем број на пратеници во Собранието ги живееше своите најдобри денови, а сето тоа се должеше на повеќе фактори меѓу кои и злоупотребувањето на судски случаи за кои се потврди дека не така како се тврдеше, големите ветувања за подобрување на економската состојба и подобар живот што се покажа сосема спротивното и во Македонија владее сиромаштија и само платите на функционерите беа покачени за 78%, фамозната парола „Нема правда, нема мир“ со што се очекуваше СДСМ да спроведе суштински реформи во судството, но судството го допре дното по најниска доверба досега 3% и ред други ветувања кои се помалку се зборуваше како што одминуваше времето.

Покрај овие фактори за падот на рејтингот на СДСМ се и лошите надворешни политики од коишто државата секогаш излегуваше како губитник.

И покрај тоа што тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев од позиција на опозиција, па и како премиер, се колнеше дека нема да го чепка името на државата, не само што го направи тоа, туку и го направи без да обезбеди никакви гаранции дека државата повеќе нема да биде блокирана на патот кон ЕУ. Тој без многу да се двоуми го потпиша и договорот за добрососедство со Бугарија и гордо тврдеше дека сите прашања со соседите се затворени, но Македонија повторно беше блокирана од Бугарија. Со ова се потврди дека не само што со ваквите штетни политики СДСМ не постигна ништо, туку и ја втурна државата во една негативна спирала која се запечати и со прифаќањето на таканаречениот „француски предлог“ со кој билатералниот проблем со Бугарија влезе во преговарачката рамка со ЕУ, а со ова Македонија е осудена на тоа докрај да ги исполнува непринципиелните и хегемонистички желби на Бугарија.

Ситуацијата со рејтингот на партијата и можеби немаше да биде толку лоша, доколку после дебаклот на локалните избори, наместо Заев да ја крпи коалицијата по секоја цена и да наметнува премиер без легитимитет, се одеше на предвремени парламентарни избори. Крпењето на коалицијата за по секоја цена да се остане на власт преку задоволување на желбите на тие што требаше да влезат во владата не само што ги иритираше граѓаните општо, туку и се појави огромно незадоволство и поделби во самата партија, бидејќи оној кој го избрале да води всушност правеше се што ќе кажат коалиционите партнери.

Ваквата состојба на немање карактер очигледно им сметаше и на многу високи функционери во СДСМ кои свесно и смирено го чекаат поразот на нивната партија на претстојните избори за после тоа да ја преземат истата и да се обидат да ја консолидираат.

Желбата за власт од страна на премиерот Ковачевски по секоја цена и трошењето најмногу енергија за крпење на коалицијата, слабите економски резултати и највисоката инфлација во регионот, коруптивните афери кои секојдневно испливуваат на површина, најнизок рејтинг во судството и обвинителството потврдени и со најнегативниот извештај за напредок на ЕК, докажуваат дека оваа власт повеќе наштетила отколку што направила нешто добро за државата, па во таа насока е и одговорот на граѓаните на анкетите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.