Комисијата за заразни болести по одржаниот редовен состанок денеска информираше за епидемиолошката состојба во државата и ја оцени како подобрена поради помал број на активни случаи, но сепак не до крај добра.
Ја анализиравме смртноста и анализите упатуваат дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или примиле 2 дози пред повеќе од 6 месеци. Затоа апелираме граѓаните да примат трета доза. Третата доза исклучително штити од хоспитализација и смрт и тоа се најпроверливите и најважните факти кои мора на секој да му се јасни. Деновиве шарлатански дебати ги ставаат во прашање овие податои, иако овие податоци се најсилни и проверливи. Вакцинацијата е најдобра заштита од тежок тек на болест и смрт и тоа е препораката на нашата комисија за сите граѓани, рече доктор Александар Петличковски.
Комисијата апелира наставата на факултетите која се одвива онлајн, да биде со физичко присуство и да биде поткрепена со вакцинација на студентите и наставниот кадар.
Серолошкиот скрининг започна во Скопје на повеќе локации кои не се откриваат за да не доаѓаат луѓе наменски да се тестираат и за да има скрининг од случајни минувачи.
Вчера собравме 200 примероци и за брзо време ќе имаме податоци. За Скопје ќе собереме 1000 испитаници на 5 локации. Паралелно тестираме и низ државата со трансфузиолошките заводи кои имаат здрави дарители. Планираме помош и од центрите за јавно здравје, додаде д-р Петличковски.
Доктор Злате Мехмедовиќ рече дека нема да има укинување на вакциналните сертификати. Тој рече дека омикрон е четврта варијанта на коронавирусот во земјава, а во светот активни се уште две.
Сертификатите не се во насока да се спречи трансмисија туку да се спречи пренесувањето на тие што немаат никаков имунитет. Оние кои не можат да докажат дека се вакцинирале или прележале ќе бидат заштитени да не може да влегуваат во простории кај што се во висок ризик бидејќи немаат никаков имунитет, објасни доктор Мехмедовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.