Актуелниот организациски секретар на партијата НСДП, која е дел од владејачката коалиција, Кристијан Трајковски, преку соопштение до медиумите демантира дека ја повлекол кандидатурата за лидер на партијата.

Демантот следува откако до дел од медиумите беше испратено соопштение дека Трајковски ја повлекол кандидатурата и пратеникот Горан Мисовски е единствен кандидат.

Секое кандидирање и евентуално повлекување на кандидатура е лично право на кандидатот. Информирањето на јавноста во мое име, од страна на други членови на НСДП го сметам за манипулативно, неетичко и крајно дискредитирачко и дезинформирачко. Од таа причина ги информирам медиумите и јавноста дека ваквата постапка ме поттикнува да уште посилно да продолжам во мојата борба за слободна и демократска НСДП. На 4 јуни, на петтиот конгрес на партијата, согласно статутот на партијата, ќе се самокандидирам за иден претседател на НСДП, а информациите за повлекување на мојата кандидатура се невистинити, вели Трајковски.

Нема да дозволам, додава Трајковски, да ја изневерам довербата на членовите и нивната искрена желба за демократски промени во партијата. Тој ги повика сите делегати и членови на конгресот на 4 јуни да постапат согласно сопственото убедување, волја и морал.

Партиските игри помеѓу различни струи во НСДП почнаа откако актуелниот претседател Тито Петковски најави повлекување од лидерската позиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.