Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, го коментираше случајот кога на автопатот Петровец – Скопје беше сопрено комбе натоварено со 1.200 кг скапи телефони и тоа откако веќе ја поминало Царината која евидентирала дека истото превезува друга стока, а не телефони.

Тошковски изјави дека откривањето на оваа пратка телефони е само дел од зголемениот тренд на акции и постапки во последниве околу два месеца, во кои се откриени незаконски дејствија од службени лица, полициски службеници.

Факт е дека во последните педесетина дена, бројот на оперативни операциии коишто дале резултат е видлив за јавноста. Факт е дека во последниве педесетина дена, Внатрешна контрола извади поголем број на постапки, во кои, дали постапувајќи по наредба на јавен обвинител, дали постапувајќи со известување, има процес на кривичен прогон на сторители полициски службеници.

 

Факт е дека пред некој ден – минатата недела, имаше интересна акција спроведена од СВР Скопје, во делот на борба против трговија со дрога, при што беше откриена поголема пратка на одредена техничка роба – мобилни телефони. Станува збор за пратка од огроемен број на мобилни телефони, вредни огромна сума, којашто, според инфромациите што ги имам, не соодветствува со документацијата што треба да ја има Царината. Притоа, причинета е огромна штета по буџетот на Македонија“, вели Тошковски.

Министерот информира дека веќе има отоврено постапка за овој случај и дека Процесот го води Обвинителството. Тој коментира дека досега нема ниту еден уапсен, но дека се надева оти во брзо ќе видиме и приведување на некој осомничен.

Факт е дека огромен пропуст е сторен од страна на царинските служби. Дали било со умисла, дали бил од небрежност – тоа ќе покаже истрагата. Таму си постапува јавен обвинител, Министерството и сите други надлежни органи постапуваат по негова координација и се надевам дека во многу брзо време, за оние коишто го терале овој процес – подолг временски период, според информациите што ги имам, ќе се преземат соодветни мерки. А, притоа, буџетот на Македонија нема да биде оштетуван ни во иднина“, вели Тошковски.

Тој додава дека првичните информации покажуваат дека сумата со која е оштетен Буџетот е позамашна, како и дека бројот на откриени телефони што се споменува, од информациите што ги добива, е преголем за потребите на Македонија.

Од таа причина, Тошковски упатува јавно прашање која била целта на влезот на толква количина на мобилни телефони во државата и дали тие потоа стануваат дел од поголем шверц.

Поставувам јавно прашање, дали Македонија е ризница за шверц на ваква роба, имајќи предвид дека северната граница е таква каква што е, односно имајќи предвид дека границата е тотално необезбедена. Поставувам прашање дали тоа е истиот човек е оној што обезбедува безбедна траса од аеродром до, еве да речеме Приштина. Јас не можам да тврдам ништо, само поставувам јавно прашање“, коментира Тошковски.

На крајот тој најави дека очекува оти во наредниот период ќе има нови моменти во целиот случај.

Овој случај ќе се развива во иднина. Се постапува по наредба од јавен обвинител и мислам дека овој случај ќе води до доста интересни прекршувања на закони, интересни бројки и интересни оштетувања на буџетот“, вели Тошковски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.