СДСМ се неконструктивна опозиција затоа што се обидува да ги излаже граѓаnите, бидејќи статистиките покажуваат пад во криминалитетот во однос на убиствата и на разбојништвата за 2024 година во споредба со 2023 година кога министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратеничко прашање за безбедносната состојба во државата поставено од пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.
Ваша работа е да барате оставка, доколку сметате дека некој не работи како што треба. Но, во 2023 година на територија на Македонија има 23 убиства, досега во 2024 година 16 убиства. Во 2024 година две нерасчистени, 2023 година пак две нерасчистени. Ниту еднаш во 2023 година за овие 23 убиства кои се случени, ниту еднаш, не излеговте да побарате оставка од почитуваниот Спасовски. Тука е лицемерието што јавно им го покажувате на македонските граѓани. На територија на град Скопје во текот на 2023 година имало околу 300 разбојништва, во 2024 година околу 150 досега или околу 35 отсто помалку од истиот период лани. Факт е дека бројките се намалени и дека за 320 разбојништва ниту еднаш не побаравте оставка од мојот претходник на позицијата, а од мене побаравте 300 пати – се обрати Тошковски до опозицијата.
Во врска со убиствата во Чаир и во Лептокарија, Тошковски рече дека сторителите се во притвор и дека МВР ја завршило својата работа.
Пратеникот Спасовски критикуваше дека откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, сериозно е нарушена безбедносна состојба во земјата.
Само во октомври, за неполн месец, имаше 5 инциденти со пукање, а над 25 вооружени инциденти се случија во изминатите 4 месеци. Пред три дена имаше пукање од автоматско оружје во Чаир, пред една недела, исто така имаше пукање на скопската обиколница, потоа пред две недели, имаше пукање во Чаир, каде што директно беше и помилуваниот наркобос, Барон, кој беше вмешан во тој инцидент. Сето ова е во октомври. Исто така, на почеток на октомври се пукаше во Чаир каде беше повредено 19-годишно момче, а се пукаше и во Арачиново, Батинци, Сингелиќ, на пластичарската улица. Имаше пукање и во Тетово, се случи и убиство кај Мавровка – рече Спасовски.
Тој го праша премиерот Христијсн Мицкоски, дали по сите овие вооружени инциденти, ќе побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дали Тошковски ќе поднесе оставка или Мицкоски ќе поднесе предлог за разрешување на министерот.
Мицкоски како претседател на Владата излезе со став дека се подготвува сериозно нарушување на безбедносната состојба во земјата, некаде на есен, од страна на одредени групации и поединци за кои досега не добивме никаква конкретна информација. Доколку тоа е во истрага нема да се соопшти, но доволно е да се соопшти дека е отворена постапка против тие, затоа што не треба да чекаме да ни се случи дестабилизација на безбедносната состојба, па дури тогаш да реагираме – рече Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.