Во рамки на плановите за унапредување на работата на полицијата во сите аспекти, денеска имавме можност да разгледаме униформи на полициски службеници од неколку европски полиции како и полициите од регионот.

Актуелната униформа на полициските службеници на терен се покажува дека не е практична и функционална во извршување на дел од полициските задачи како и нејзиниот квалитет кој е далеку од квалитетот на униформите на европските полиции.

Дополнително процесот на набавка и дополнување бил нефункционален со што полициските службеници во пракса биле оставени долг временски период без да имаат можност да добијат нова униформа или замена на дел од истата.

Затоа во таа насока, преку Одделот за заеднички работи на министерството во план е изнаоѓање на решение за набавка на полициска униформа која ќе ги задоволи сите стандарди, практичност, квалитет и издржливост, но и естетска прифатливост.

Полициските службеници кои треба да испорачаат владеење на правото и почитување на законите, безбедноста на граѓаните и општеството, своите работни задачи мора да ги извршуваат во униформа која е практична, квалитетна, издржлива и која во својот дизајн ја инкорпорира важноста и дигнитетот на професијата полициски службеник.

Денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески извршивме увид во градбата на новата полициска станица од општа надлежност во општина Аеродром, информираше на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Градбата на новата полициска станица беше започната минатата година во јули со план за завршување за 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор. На лице место констатиравме дека изградбата на станицата е во планираната динамика и граѓаните во општина Аеродром во планираниот рок ќе добијат нова и модерна полициска станица во која полициските службеници ќе ги извршуваат своите обврски, а граѓаните ќе ги добиваат очекуваните услуги.

На предлог на градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески во Полициската станица да предвидиме простории за управни служби, дадов уверување дека ќе направиме сериозни напори тоа да биде остварено, за граѓаните да не мора да одат во зградата на МТВ за некоја од услугите на управните служби како вадење на лични документи, возачки дозволи и други услуги важни за нив.

Зголемувањето на брзината, квалитетот и достапноста на услугите кои ги нудат управни служби е еден од приоритетите на ова раководство на МВР бидејќи граѓаните секогаш треба навремено и квалитетно да ја добиваа услугата од својата држава која постои за нив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.